„Шпионите“ соработувале со странски служби, Ване Цветанов доби 3 години затвор

Екс директорот на Управата за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Ване Цветанов денеска беше осуден на три години затвор за случајот „Шпион“.

Мозокот на операцијата, поранешниот разузнавач, Марјан Ефремов е осуден на максимални 15 години затвор, а останатие учесници добија помали затворски казни. Само еден од обвинетите доби условна казна.

Поранешниот генерал, Горан Стојков, кој исто така беше обвинет во случајот „Шпион“ е осуден на 9 години затворска казна.

Деветтемина кои добија повисоки затворски казни, Судот го продолжи притворот до правосилноста на пресудата, додека за петмина од обвинетите притворот беше укинат и заменет со алтернативни мерки.

Освен за шпионажа и одавање државна тајни, дел од обвинетите се товареа за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба.

Обвинението опишува како првообвинетиот Ефремов заедно со Иџет Абди, Алексо Ангеловски и Зоран Костадиновски, исто така обвинети кои работеле во македонските разузнавачки служби, создал група која се занимавала со шпионажа одавајќи им државни тајни на унгарските и на грчките тајни служби.

Покрај нив дел од групата се поранешни или сегашни вработени во УБК, Јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, воената полиција, Државниот архив и сопственици на медиуми.

Постапката за новинарот Зоран Божиновски, кој исто така беше обвинет во случајот, беше раздвоена поради неговата недостапност. Нему ќе му се суди откако ќе биде екстрадиран во земјава. Пред две недели Апелацискиот суд во Нови Сад го одби барањето за екстрадиција на Божиновски на македонските власти поради сомневање дека тој нема да добие правично судење.