Македонија

Штајнмаер: Македонија да продолжи по европскиот пат

Штајнмаер: Македонија да продолжи по европскиот пат

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер синоќа во Берлин изјави дека очекува состојбата во Македонија, по настаните во Куманово, да се смири и земјата да продолжи по европскиот пат, пренесува МИА.

– Минатонеделниот инцидент ја исплаши Европа. Се надеваме дека тоа што го видовме не е почеток на ескалација и оти властите во Македонија ќе направат напори за целосно и транспарентно расветлување на случувањата. Се надеваме и дека ќе нема други такви инциденти, изјави Штајнмаер на заедничката прес-конференција со шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

Тој очекува состојбата во Макеоднија да се нормализира и да не се создаде конфликт кој би довел до отворена конфронтација меѓу етничките заедници или до регионален конфликт.

– Се надевам дека Македонија ќе ја  потврди цврстата волја за приклучување кон ЕУ, а јас не се сомневам дека ќе го избере тој пат. Што се однесува до Македонија, не станува збор за специфична германска туку тоа е европска грижа. Секое враќање назад на една земја од Западен Балкан, може да се рефлектира врз соседството. Затоа сме заинтересирани не само да ја имаме пред очи Македонија туку сме претпазливи да не се создаде конфликт кој би довел до отворена конфронтација меѓу етникумите. Со мојот македонски колега за ова разговарав на маргините на состанокот на НАТО во Анталија. Му кажав дека најдобар начин, најефикасно средство против сомнежите е отворено и транспарентно расчистување на случувањата. Сега треба да видиме дали тоа и ќе се направи, рече Штајнмаер.

И албанскиот министер за надворешни работи Бушати порача дека демократска и стабилна Македонија е важна за стабилноста на Балканот. Според него, територијалниот интегритет Македонија не смее да биде доведен во прашање, а актуелната криза треба да биде решена.