Штајнмаер во Атина разговарал за Македонија

Се надевам дека решението на спорот за името ќе ја означи стартната точка за пристапните преговори со ЕУ. Мора да има почеток, но, и Македонија треба за него да придонесе, изјавил шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер по вчерашната средба со неговата хрватска колешка Весна Пусиќ во Берлин, на прашање на „Дојче веле“ дали поради спорот за името и грчката блокада Македонија останува „слепо црево“ на Западниот Балкан?

„Дојче веле“, повикувајќи се на високи дипломатски извори, објавува дека иако немаше информации во јавноста, Штајнмаер при минатонеделната посета на Грција разговарал и за спорот со името.

Тој и самиот пред заминувањето за Атина најави дека со дражавното раководство на Грција ќе разговара и за грчко-македонските односи.

Запрашан тогаш каков ќе биде неговиот ангажман за надминување на долгогодишниот спор, кој ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија, Штајнамер рече дека очекува конструктивност од двете страни.

„Скопје и Атина треба да бидат конструктивни. Да бидат подготвени да направат компромис кој е евидентно во интерес на двете земји и со кој ќе се овозможи Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ, кои ги сметам за неопходни. Тоа е потребно за стабилноста со што ќе се покаже дека земјата оди нанапред. Македонија подолг период е во застој кој сметам дека треба да биде ’прекршен’. Но, за тоа е потребна добра волја од двете страни: и од Скопје и од Атина“, подвлече првиот германски дипломат.