Штедачите среќни што го добија златото на Соња Николовска

Златото на сопственичката на пропаднатата штедилница ТАТ од Битола, Соња Николовска, ќе им биде поделено на необесштетените штедачи. Вака одлучи Врховниот суд на Македонија 17 години откако во март 1997 година од домот на Николовска биле запленети златен накит, скапоцености и пари. Врховниот суд одлучувајќи неодамна донесе пресуда: „ревизијата на тужителите се отфрла како неоснована“.

Необесштетените штедачи на ТАТ, кои останаа околу 5.000, бидејќи над 2.000 веќе се обесштетени, се среќни бидејќи, како што велат, „конечно правдата е задоволена“, пренесува „Утрински“.

„Задоволни сме од пресудата на Врховниот суд, не’ израдува, бидејќи задоволена е правдата, а не криминалците. Соња е криминалецот што ги ограби своите сограѓани. Вредноста на златото не е толку колку што ТАТ ни зеде нам, ама задоволството е големо бидејќи Соња сакаше и тука да ќари. Тоа злато беше на штедачите. Таа немаше ништо пред да стане менаџерка на ТАТ. Злато, дијаманти, скапоцени камења земаше од штедачите како гаранција за дадените пари, тоа е вистината“, вели Пеце Гугучевски, претседател на Здружението на необесштетени штедачи на пропадната штедилница ТАТ, за весникот.

Стечајниот управник на штедилницата ТАТ, Душко Јанкуловски, за медиумите тврди дека сега треба преку овластен проценител да се процени вредноста на златото и да се впаричи за обесштетување на штедачите. Тие, пак, според нивни процени велат дека златото не вреди повеќе од 150.000 евра. Кога оваа сума би се поделила на 5.000 штедачи, тие би добиле по околу 30 евра.

„Минорна е сумата од златото кога ќе ја делат штедачите, но има и други имоти кои се под хипотека и чекаме на нив. Капка по капка, се надеваме дека ќе биде обесштетен и последниот штедач на ТАТ“, вели Гугучевски за „Утрински“.