Штербик четири години во Вардар

Македонскиот ракометен вицешампион Вардар, го потврди трансферот на голманот Арпад Штербик (34), кој потпиша четиригодишен договор со важност од сезоната 2014/2015. Најдобриот светски играч од 2005 година во изборот на ИХФ, доаѓа во Македонија по десет сезони минати во шпанската АСОБАЛ лига каде настапуваше за тимовите на Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона.

„Вардар е историски клуб со големи амбиции, и себе си се гледам во овој нов проект, и тоа за мене е голем предизвик. Се надевам дека овие четири години ќе можеме да направиме многу успех и овој легендарен, не само македонски клуб ќе го подигнеме на уште повисоко ниво, бидејќи македонскиот ракомет заслужува да има една добра екипа во Скопје, што ќе се бори за сите титули”, изјави Арпад Штербик за сајтот на Вардар.

Штербик ги има освоено сите клупски трофеи, вклучувајќи ја и ЕХФ Лигата на шампионите, трофеи од домашните првенства, медали од СП со две различни репрезентации, со онаа на СР Југославија и со Шпанија.

Штербик пет пати беше прогласуван за најдобар голман во АСОБАЛ лигата (2006, 2007, 2008, 2009, 2010), еднаш беше МВП на АСОБАЛ лигата (2006) и еднаш беше прогласен за најдобар играч во Унгарија (2005). Беше и најдобар голман на СП 2005 година.

Квалитетот на Штербик се гледа по 55 медали со екипите со кои досега настапувал и осумте признанија добиени за индивидуални квалитети. Има едно злато од СП (2013), една сребро од младинското ЕП (1998) и три бронзени медали од СП (1999, 2001 и 2011) и злато од Универзијадата во 1999 година.