Штиер: Во СДСМ да ги оладат главите и да ги гледаат интересите на Македонија

Граѓаните на Македонија на овие избори се одлучија за политика која ќе даде континуитет на евроатланските интеграции на земјата. Европратениците упатуваат честитки за одлично организираните избори, кои според нив, се уште еден импулс дека Македонија треба што поскоро да ги започне преговорите за членство. Европратеникот Давор Иво Штиер за Канал 5 вели дека граѓаните го имаат последниот збор, а тие на овие избори убедливо довербата му ја даваат на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски и неговиот тим .

 

„Би им честитал на граѓаните на Македонија. Тие одлучија да изберат еден јасен континуитет, една јасна политика. Важно е што Македонија ќе продолжи со својот пат кон евроинтеграцијата. Граѓаните се тие кои го имаат последниот збор, нивната поддршка кон оваа партија е јасна, дека сакаат да продолжи и понатаму. Јасна е проевропската нота која е присутна во таа партија. Јас како европратеник со колегите од ВМРО – ДМНЕ ќе работиме на европската перспектива“, вели Штиер.

Бојкотот на резултатите од изборите е лоша одлука која не смее да се примени. Штиер е дециден дека СДСМ мора да го поддржи Груевски што поскоро да ја формира новата влада за да продолжи Македонија да оди напред. Хрватскиот европратеник на политичарите од СДСМ им предлага да ги оладат главите по изборите и да работат за интересите на државата.

„Мислам дека во овој момент по изборите важно е да се оладат главите и да се поддржат националните интереси. Во овој момент мислам дека прв приоритет на Македонија е да продолжи по европскиот пат. Сигурен сум дека владата на премиерот Груевски тоа ќе го стори, многу е важно тоа да го поддржат сите страни без разлика кој изгубил на изборите. Европската перспектива на Македонија треба да биде пред партиската“, вели Штиер.

Ниту за мисијата на ОБСЕ и ОДИХР нема дилема дека изборите во неделата поминаа во фер идемократска атмосфера. Вчера и тие побараа од опозициската партија да ги признае резултатите

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.