Штип очекува поддршка од МТСП за отворање на Центар за аутизам

Градоначалникот на Штип, прим.м-р Илчо Захариев денес разговараше со заменикот министер за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, пренесува порталот „1.мк“. Во Штип, се разговараше на четири теми кои се подеднакво важни за граѓаните на Штип.

„Очекуваме поддршка од Министерството за отворањето на центарот за аутизам. Од таму позитивно ни е одговорено со поддршка од 30.000 евра. Општината ќе вработи едно лице додека преостанатите ќе ги финансира МТСП. Разговаравме и за адаптација на еден постар објект кај месноста Свети Илија, истиот да биде претворен во градинка за што исто така имаме поддршка а Министерството ќе помогне и во изградбата на социајлна зграда со уште 100 стана, за што ние веќе го менуваме ДУП-от. Во овој објект ќе бидат сместени дел од социјалните случаи но и семејствата кои останаа без домови од поплавите“, изјави градоначалникот Захариев.

Заменик министерот Ибрахими е задоволен од соработката и разговорите со градоначалникот. Тој најави дека тендерот за центарот за аутизам во Штип е при крај и потврди дека Министерството ќе помогне што се однесува до адаптација на градинка и за семејствата затечени од поплавите:

„Тие семејства сега се сместени во поранешното нервно-психијатриско одделение. Општината и градоначалникот прават се што е во нивна моќ да ги издржуваат но условите се лоши. Локалната самоуправа ја плаќа сметката за струја и вода, но сама тешко дека ќе издржи. Затоа и во Министерството постои расположение за поддршка и тука“, изјави Ибрахими.

Според Ибрахими, градоначалникот е активен на планот на социјалната заштита на граѓаните и заради неговата динамичност постои големо располжение за негова поддршка, пренесува „1.мк“