Македонија

Штип се потсети на победата над фашизмот

Штип се потсети на победата над фашизмот

Општина Штип и Сојузот на борците денес го одбележаа 9,мај – Светскиот ден на победата над фашизмот. Со полагање на цвеќе во алејата на народните херои и пред споменикот на револуцијата на Исарот, им беше оддадена почит на загинатите припадници на партизанското движење кои ги дадоа животите за слободна Македонија:

„Оваа слобода во која живееме денес не ни била подарена. Натопена е во крв. Илјадници ги положија животите, несебично и храбро се спротивставија на фашистите и се изборија за слободна Македонија,“ изјави Трендафил Атанасов, претседател на СБМ-Штип.

Градоначалникот Илчо Захариев потсети дека овој ден може да служи како повод колку е потребна слога и единство на Македонија.

„Јас постојано се прашувам дали фашизмот беше победен ? Хитлер и неговата идеологија…да, беа победени, но мислам дека фашизмот живееше и понатаму а го има уште повеќе денес. Благодарение на тој фашизам, кој го негуваа дури и држави кои беа против истиот, илјадници Македонци беа протерани од родните огништа во соседна Грција. Егзодусот кој се случуваше, беше директно помогнат од некои земји кои први алармираа на опасноста од фашизмот. Ние можеби сме припадници на различни политички партии, националности, религии, но кога е во прашање опстојувањето на Македонија, треба да бидеме единствени,“ изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Според Захариев, четирите години борба против окупаторот за време на втората светска војна, јасно покажаа дека Македонецот може да се организира и во име на повисоки идеали а пред се во име на слободата, знае да се бори и да се оствари за историските права.