Штипјанец произведува егзотични растенија и ги продава на европскиот пазар

Штипјанецот Владо Милановиќ на своите ниви во општина Карбинци произведува егозотично овошје и зеленчук. Овошјето кивано и зеленчукот карела, коe е традиционална храна во Индија, Јапонија и Кина веќе ги продава на македонскиот пазар, а инаку целокупното производство му е загарантирано и се продава на европскиот пазар, пренесува МИА.

Милановиќ вели дека минатата година на неговите ниви во Карбинци засадил 15 вида на егзотични растенија.

– Од оние кои што ги тестиравме на нашите плантажи успешно се произведуваат девет врсти на егзотични растенија, меѓу кои еве ќе напоменам исклучително се профитабилни индијанската банана, сибирската боровница, а од едногодишните растенија може да кажеме чили пиперката, карелата, киваното, така да тие се растенија, кои тука можат успешно да се одгледуваат, вели Милановиќ.

Тој истакна дека македонските земјоделци се заинтересирани за производство на егзотични растенија, интерес пројавиле земјоделци од струмичкиот и гевгелискиот регион. Годинава на македонските ниви ќе бидат засадени 15 хекатри од овошјето кивано и пет хектари од зеленчукот карела.

Откупот и палсманот на езготичното овошје и зеленчук е загарантиран, бидејќи како што вели Милановиќ неговата фирма има и свој партнер во Хрватска. Забележува дека има иднина во одгледување на егзотичните растенија, доколку се засади индијанска банана на еден хектар, бруто заработката може да биде и до 80.000 евра.