Штипскиот бизнисмен бил убиен поради одмазда

Одмазда е можната причина за ликвидацијата на бизнисменот Димитарчо Јовановски од Штип, која се случи во скопската населба Аеродром. Засега не се знае дали истражните органи проверуваат дали станува збор за одмазда поради некакви бизнис-зделки што ги имал Јовановски или во прашање биле лични работи, пишува Дневник.

Јовановски најверојатно добро го познавал човекот што седумпати пукал кон него, а уште додека бил свесен, рекол „не требаше вака да заврши“. Некои велат дека заглавил поради продажбата на оружје, а други, пак, дека во прашање е нешто сосема друго надвор од бизнисот и оти не станува збор за должничко доверителски односи. Некои пак одат дотаму што велат дека бил жртва на платено убиство. Сепак, не само што не е познат убиецот туку и мотивот за убиството е мистерија. 

Дневник пишува дека најверојатно убиецот ја чекал жртвата пред влезот, убиецот ладнокрвно му испукал три куршуми во стомакот. Јовановски не починал веднаш. Иако повреден, тој успеал да притисне на домофонот и да побара помош од соседите. Се уште бил жив и контактибилен кога бил однесен во болница, но утрото околу 5 часот за жал им подлегнал на повредите.

Убиениот немал криминално досие. Полицијата истражува дали бизнисменот имал нерасчистени бизнис-зделки со луѓето со кој соработувал.