Штипските градинки од септември ќе работат и во сабота

Штипските градинки од септември ќе работат и во сабота. Комисијата за еднакви можности на Општина Штип е носител на иницијативата која е дел од поширокиот проект за усогласување на приватниот со јавниот живот на жените.

Во соработка со двете детски градинки и нивните клонови, тие прво спроведоа анкета меѓу родителите, за интересот децата да престојуваат и во сабота во градинка, пренесува порталот „1.мк“.

– Финализирани се работите околу кадарот кој за време на викендите ќе се грижи за децата од предшколска возраст. Ке бидат ангажирани 34 вработени, по 17 во секоја од двете градинки а општината проектот ќе го помогне со 40.000 денари, колку што се потребни за ангажманот на вработените – изјави Драган Ристов, советник за односи со јавност.

Градинките „Вера Циривири-Трена“ и „Астибо“ ќе работат во сабота во текот на септември и октомври. Овие месеци ќе се направат деталните анализи кои треба да покажат дали проектот ќе биде финансиски исплатлив и оддржлив за да продолжи понатаму, пишува „1.мк“

Во спроведената анкета учествуваа 249 родители, од кои 124 од едната и 125 од другата градинка. Тие се изјаснија дека сакаат нивните деца да одат и во сабота, пред се заради тоа што поголем дел од родителите работат и во сабота и имаат потреба од грижа за децата. За ова родителите дополнително ќе плакаат по 500 денари.