Свет

Што доколку Шкотска се отцепи?

Што доколку Шкотска се отцепи?

Ако Шкотска изгласа независност и го напушти Обединетото Кралство, ќе биде разнишана симболиката на самото Кралството. Дури и називот „Велика Британија“ ќе биде доведен во прашање. Сценариото по кое заговорониците на независноста би ги надглaсале приврзаниците на камапањата „Подобро е заедно“ ќе предизвика големи промени во политичката, економската и воената мапа на Велика Британија, пишува „Република“.

– Шкотска не е некоја колонија, туку дел од нашето битие. Таа не прави тоа што сме – рекол градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, објаснувајќи зошто се противи на отцепувањето. Меѓу Шкотите, кои на 18 септември ќе решаваат за иднината на својата земја, многу го делат неговото мислење. Исходот од референдумот ги загрижува и Британците кои се прашуваат дали унијата може да биде иста без својот важен член? Дури и самиот назив е доведен во прашање. Според „Вашингтон пост“, Обединетото Кралство во случај Шкотска да прогласи независност не би имало основа да го задржи тоа име затоа што веќе не би било обединето, а називот „Англија, Велс и Северна Ирска“ е прекомплициран.

– Никој не може да го негира големиот придонес што Шкотска го даде на британската политика – вели историчарот Ендру Робертс, кој смета дека без Шкотска британската политичка сцена не би била иста.

Дали кралицата Елизабета ќе остане кралица на Шкотска?

Со отцепувањето од Велика Британија, Шкотска не би станала република по автоматизам, што значи дека кралицата Елизабета ќе остане кралица на Шкотска барем уште извесно време. Шкотите подоцна би можеле да организираат уште еден референдум за државното уредување.

Дали Шкотска ќе ја задржи фунтата?

Шкотскиот премиер Алекс Салмонд тврди дека земјата би ја задржала валутата како официјална и во случај на добивање независност. Но, британските политички лидери се противат на такво сценарио. Експертите предупредуваат дека покренувањето нова валута би било скапо и комплицирано.

Дали на границите ќе биде воведена пасошка контрола?

Лидерот на лабуристите Ед Милибанд се закани дека ќе се постават стражари на границите во случај мнозинството гласачи да заокружат „да“ на референдумското ливче. Сепак, поверојатно е дека од Англија во Шкотска и обратно ќе може да се патува без пасоши.

Дали премиерот ќе даде оставка?

Не планирам да дадам оставка во случај на независност на Шкотска, јасно нагласи Дејвид Камерон, но како премиер кој загубил дел од територијата тој секако би трпел голем притисок. Шкотските пратеници во мај 2015 година ќе мора да го напуштат парламентот.

Што ќе се случи со вооружувањето?

Нуклеарното оружје кое го поседува Велика Британија во рамките на програмата „Тридент“ моментално е во Шкотска. Ако се распадне унијата, Британците веројатно ќе сакаат да го преместат, но експертите предупредуваат дека тоа ќе донесе големи трошоци и безбедносни ризици.

За кого ќе играат шкотските спортисти?

– Не сум размислувал многу за отцепувањето затоа што не верувам дека ќе се случи, но ако дојде до тоа, ќе играм за Шкотска, вели тенисерот Енди Мареј. Британците би можеле да останат и без други успешни спортисти. Шкотите на Олимписките игри 2012 година освоија 20 проценти од британските медали.