Македонија

Што не може да ви одземе извршител

Што не може да ви одземе извршител

При вршењето на дејствијата на извршителот за присилно извршување на извршната исправа, законот има поставено одредени ограничувања во поглед на предметот на извршување, пишува Правдико.

Предмети кои не можат да бидат одземени од извршител се:

1) облека, обувки, долна облека и други предмети за лична употреба, постелнина, садови, мебел, шпорет, ладилник и други предмети со вообичаена вредност што служат за задоволување на основните потреби за домаќинството, доколку му се потребни на должникот и на членовите на неговото домаќинство;

2) храна и огрев за потребите на должникот и на членовите на неговото домаќинство за три месеца;

3) работен и расплоден добиток, земјоделски машини и други орудија за работа, семе, добиточна храна, алат, машини и други предмети што на должникот земјоделец или занаетчија му се неопходни за одржување на земјоделското стопанство, односно за вршење на занаетчиската дејност, во мера во која е потребно со тоа да се оствари минимален приход за неговото издржување и за издржување на членовите на неговото семејство;

4) книги и други предмети што му се потребни на должникот кој самостојно во вид на занимање со личен труд врши научна, уметничка или друга професионална дејност;

5) готови пари на должникот до месечниот износ кој според закон е изземен од извршување;

6) ордени, медали, воени споменици и други знаци на одликување и признание, венчален прстен, лични писма, ракописи и други лични списи на должникот, како и семејни фотографии и

7) помагала што на инвалидот или на друго лице со телесни недостатоци му се дадени врз основа на прописите или што ги набавил сам, а се неопходни за извршување на неговите животни функции.Поштенска пратка или поштенска парична дознака упатена до должникот не може да биде предмет на извршување пред да му се врачи.

Според Законот за извршување, извршителот има право да блокира банкарска сметка и од неа да одземе дел за да наплати долг за струја, вода, парно, кредит и слично. Исто така, има право и да влезе во домот на должникот, да направи попис на предметите што ги поседува, да заплени дел од нив и потоа да ги продаде на јавно наддавање.

Кога влегуваат кај должниците извршителите имаат и полициска придружба, проценител, носачи, а сето тоа се плаќа. На пример, еден час асистенција на полицаец чини шест евра плус ДДВ, а се плаќа и процент за полициската опрема и плус по едно евро на километар за комбето. Се плаќа и проценителот, а сето тоа паѓа на товар на должникот.