Што ѝ посакаа Германците на Меркел за роденден

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска го прославува 60. роденден. За подарок доби книги, цвеќе, песни, пијалак, дури и дрес, како и честитки од многу политичари.

Политичкиот магазин „Шпигел“ направи е-анкета и во неа Германците ѝ посакаа уште многу години да остане канцеларка. Според анкетата на магазинот, најголем број Германци, околу 47 отсто, на Меркел ѝ посакаа среќа, здравје и уште многу добри денови како канцеларка.

Вкупно 18 проценти Германци ѝ посакале здравје, среќа и нова работа – на пример генерален секретар на ОН, а ист толкав процент би ја пратиле во пензија. Шеснаесет отсто од испитаниците не ѝ посакале ништо за роденден бидејќи и таа ним не им честитала.

Меркел е веќе девет години канцеларка и германските медиуми пренесуваат шпекулации за нејзиното наводно можно повлекување од политиката. Веќе се покренува темата дали таа ќе се кандидира на сојузните избори во 2017 година кога повторно ќе се избира канцелар на Германија.