Што се случува со работниците кои произведуваат за „Пума“ и „Адидас“?

Повеќе од 200 работници во текстилни фабрики во Камбоџа, кои произведуваат за брендовите „Адидас“ и „Пума“, биле примени на лекување изминативе неколку денови, поради значително влошено здравје, објавува „Франс прес“, пренесува Нетпрес.

Вчера само, околу 118 работници, се онесвестиле во две фабрики, а потоа биле хоспитализирани. Тие чувствувале гадење и постојано повраќале. Во друга фабрика, пак, 61 работник биле примени во болница со исти симптоми.

Во трите случаи се претпоставува дека причината за влошеното здравје на работниците е неквалитетна храна во фабричките мензи. Во првиот случај, пак, дополнителен фактор бил и лошиот квалитет на воздухот во погоните за работа.

Во четврта фабрика околу 50 работници се онесвестиле, откако во објектот било прскано против инсекти.

kambodza

Во текстилниот сектор во Камбоџа работат околу 650.000 лица, од кои 400.000 се во фирми подизведувачи на големи светски брендови. Овој сектор е од огромно значење за економијата на оваа азиска земја.

Синдикатите во Камбоџа веќе долго време жестоко ги критикуваат условите за работа и алармираат за колективно онесвестување на работниците, нешто што според синдикалните лидери се случува поради лошата исхрана и преморот.

На почетокот на годинава текстилните работници организираа серија од штрајкови, кои беа задушени од полицијата и во кои најмалку четири лица загинаа. Главно барање на штрајкувачите беше двојно зголемување на минималната плата.