Македонија

Што знаат Русите за несреќата на Дениса?

Што знаат Русите за несреќата на Дениса?

Седми ден ни трага ни глас од 23-годишната Дениса Маркоска, која минатиот петок во раните утрински часови ја снемало од бродот Серенисима каде работела во водите на Егејското море кај Крит.

Нејзините родители, скршени од тага се вратија во Прилеп откако вчера барале информации низ институциите во Скопје. И не добиле ништо што би им помогнало да ја сфатат мистеријата исплетена околу судбината на нивната ќерка, пренесува Канал 5.

Последен пат со девојката комуницирала нејзината мајка четвртокот навечер-ден пред исчезнувањето. Тогаш Дениса преку фејсбук и пишала на мајката дека наредните денови може да нема интернет на бродот и дали може да разговараат како што го правеле тоа секоја вечер. Но нејзината мајка го чувала внукот и не можела да и врати. Неколку часа подоцна Дениса исчезнала, а последен пат била видена на задната палуба на бродот Серенисима.

-Денеска роднини на исчезнатата Дениса биле примени во руската амбасада и конзул во амбасадата им ветил дека ќе се заложи да се добијат повеќе информации од руска страна затоа што бродот бил дел од понудата за крстарења на руската компанија „Волгадрим“. На веб-сајтот на оваа компанија во делот каде се продаваат аранжмани за крстарење со кобниот брод, во точка 20 стои пак нешто друго дека сите белешки патниците треба да ги пратат до сопственикот. Но името на сопственикот на бродот не е руската Волгадрим туку фирма од Британските девствени острови- Премиер круисис лимитед, пренесува Канал 5.

Таа фирма од островската земја, позната и како оф-шор дестинација има само поштенски фах и адреса која води до друга компанија „Триденттраст“ која во своето портфолио на интернет пишува дека оперира и им дава консултантски услуги на фирми од 34 држави низ целиот свет.

Сопствеништвото врз бродот Серенисима, островјаните од Девствени острови го презеле времено со овластување на трета руска фирма. И додека надлежните во Грција, Русија и Македонија ќе мора да бараат информации за Дениса низ овој лавиринт на сопственички односи, бродот Серенисима се уште е на крстарење низ Средоземјето.

Исчезнатата Дениса се качила на него во јануари во Сплит. Претходно била таму на обука за основни поморски вештини, а и бил извршен и лекарски преглед за да може да работи на крузерот.