Штрахе: Зад конфликтот во Македонија стојат геостратешки размислувања

Heinz Christian Strache Foto: Clemens Fabry

Лидерот на австриската партија за слобода Ханц Кристијан Штрахе побара од меѓународната заедница најостро да ги осуди настаните во Македонија и порача дека имајќи го во предвид порастот на албанскиот екстремизам, прашањето за Косово несмее да се врзува за продолжувањето на патот на Србија кон членството во ЕУ, пренесува Танјуг.

Тој во изјава за Танјуг нагласува дека развојот на ситуацијата во Македонија е загрижувачки и опасен.

– Видовме дека терористичките дејствувања на државната територија на Македонија, зад кои се претпоставува дека стои големоалбанската идеологија. Европската политика мора тоа јасно и најостро да го осуди и да заземе јасен став. Во Македонија се гледа дека зад конфликтот стојат и геостратешки размислувања. Така на Косово имаме една од најголемите НАТО бази, на што треба критички да се гледа, а ја имаме и Македонија, која од добра причина, нема намера да учествува во санкциите против Русија и која ја поддржува изградбата на рускиот гасовод, што е во интерес на целиот регион. Впечатливо е дека секогаш, кога се случуваат конфликти и кога постојат геостратешки интереси, невладините организации се појавуваат и ги поддржуваат настаните, појаснува Штрахе.

Тој истакнува дека кршењето на меѓународното право во врска со Косово претставува причина за нестабилност во регионот.

„Косово и Метохија според резолуцијата UN 1244 спротивно на меѓународното право прогласи независност. На тоа укажуваме со години, како и на фактот дека е неопходно во интерес на меѓународното право да се разјасни состојбата. Неопходно е да се пронајде решение, на што не се работи, туку се врши притисок врз Србија да ја признае независноста, а и се условува патот кон ЕУ со тоа прашање. Тоа не е добар и одржлив пат за мирен развој на југоисточна Европа“, вели Штрахе за Танјуг.

Според него актуелните настани покажуваат дека албанскиот екстремизам кој е во пораст крие голем потенцијал за конфликт.

– Неопходно е на тоа да му се посвети внимание, затоа што овој проблем не придонесува за мирен и одржлив развој на регионот. Инаку мирниот и одржлив развој во југоисточна Европа не е можен без Србија, а во Европа без Русија, уверува Штрахе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.