Балкан

Штрајк на грчките новинари

Штрајк на грчките новинари

Неколку грчки новинарски синдикати од денеска во 10 часот организираат 24-часовен штрајк во знак на протест на предлог законот кој ќе влијае врз медиумите, јави дописникот на МИА од Атина.

Синдикатите ја обвинуваат Владата дека се обидува да им служи на интересите на медиумските могули преку амандман, кој во петокот вечерта беше доставен до Парламентот. Тие тврдат дека законот ќе доведе до „спојување и масовни отпуштања во овој сектор“.

– Амандманот им овозможува на медиумските групи да се спојат со изговор за намалување на трошоците, но всушност на задолжените бизнисмени им обезбедува сигурна патека, соопштија синдикатите и повикаа амандманот да се промени.

Барањата на синдикатите следат по вчерашното барање на Сириза законот да биде повлечен.

Според левичарската партија, амандманот е „провокативен“, затоа што со него се овозможуваат масовни отпуштања во секторот, иако за такви отпуштања во другите сектори на економијата постојат строги услови.

Според законот, вработените во иста група компании се третираат како да се од иста фирма и на тој начин им се овозможува на медиумските групи да ги заобиколат ограничувањата за отпуштања. Амандманот, исто така им овозможува на радио станиците да ги променат нивните формати (на пример од вести во музика) со пријава во Националниот совет за радио и телевизија, наместо да ја вратат концесијата на државата и повторно да конкурираат за фреквенција.

Тој, исто така им овозможува на радиодифузерите и издавачите да го задржат данокот кој го плаќаат сите што се рекламираат во нивните медиуми и кој оди за плаќање придонеси за социјално осигурување на вработените.

МИА