Штрајкот на просветните работници во мирување

Штрајкот на просветните работници, кој требаше да се одржи денеска, е ставен во мирување, така се договориле претставниците на раководството на СОНK и министерот за образование Абдилаќим Адеми. Двете страни се договориле дека ќе продолжи социјалниот дијалог на кој инсистира синдикатот, единствено за прашањето за плати ќе нема дискусија, оти, како што вели министерот Адеми, буџетот е веќе направен и нема простор за корекции, освен тие од 4 отсто, кои ќе ги добие целата државна администрација, пишува „Дневник“.

Од Министерството за образование најавија дека дијалогот меѓу СОНK и Владата ќе продолжи, деновиве ќе се формираат работни групи, кои ќе ги разгледаат барањата на наставниците.

Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, смета дека нема реална причина за штрајк во образованието, бидејќи социјалниот дијалог со Синдикатот нормално функционира. Според Ристовски, мотивите за штрајкот се сосема други.

– Ако во 2000 година најниската плата изнесуваше 3.400 денари, а највисоката 7.600, во 2013 година тие износи се зголемени на 10.655, односно 20.694 денари. Kако Влада предвидовме во следниот период и дополнително зголемување на платите за 4 отсто. Во 2008 година е потпишан нов Kолективен договор според кој, платата наместо по степен на образование, веќе шеста година се исплаќа по работно место. Значаен напредок е постигнат и во делот на трансформација на работниот однос на вработените во образованието, која од 2011 година се врши и на лица што работат повеќе од 2 години на работното место. И досега, за период од 4 години, реализирани се речиси 7.000 трансформации, во кои секогаш е вклучен и по еден претставник од СОНK, заради транспарентност и заштита на правата на вработените. Така што, мојот личен став е дека не постои вистинска причина, поткрепена со факти – вели Ристовски, за „Дневник“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.