Шулц: Финансиската состојба на Грција е „опасна“

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц пред состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел изјави дека финансиската ситуација на Грција е „опасна“ и дека на земјата во најкраток рок ќе и бидат потребни две до три милијарди евра за да избегне банкрот, јавува Ројтерс.

-Времето е кратко. Во краток рок, ќе бидат потребни 2 до 3 милијарди евра за да се исполнат постоечките побарувања, изјави Шулц за германското радио Дојчландфунк неколку часа пред да отпочне Самитот на лидерите на ЕУ, во рамки на кој, меѓу другото, ќе се разговара и за грчката криза.

Шулц рече дека Грција мора до крајот на месецов да исплати неколку рати, на банките во земјата им се потребни пари, а средствата во грчката Централна банка се речиси исцрпени.

-Така ќе биде добро ако Грција си ги исполни обврските, за кои претходно се согласи – тогаш ќе добие нов прилив на пари, вели Шулц.

Според него грчката влада мора да покаже поголема волја за соработка.

Ако Атина остане без пари до крајот на месецот и го зголеми јавниот долг, европските лидери стравуваат дека Грција самата ќе се оттурне од еврозоната.