Шулц изрази загриженост од зближувањето на Грција со Русија

Претседателот на Европскиот Парламент (ЕП) Мартин Шулц изрази загриженост од стремежот на новата грчка Влада, на чело со Алексис Ципрас, да се зближи со Русија, пренесе MИА, повикувајќи се на ТАСС.

-Многу силно ме вознемири желбата да се зближат со Русија. Му кажав Ципрас: Сакате солидарност од европските партнери, но вашиот прв чекор беше одбивање на солидарноста во надворешната политика и од тоа нема да излезе ништо добро. Тој сфати, рече Шулц во интервју за германскиот весник „Велт ам зонтаг“.

Според претседателот на ЕП, стремежот на Атина за зближување со Москва е „внатрешнополитичка мерка“, со која Ципрас се обидува на избирачите да им покаже дека сега кормилото на власта е во рацете на нови луѓе.

-Тоа е и соодветна реакција на оние катастрофални сценарија за развојот на настаните, кои пред изборите и се предвидуваа на земјата во случај на победа на СИРИЗА. Ципрас и неговата партија не сакаат да бидат партнери без права, тие сакаат да бидат почитувани, рече Шулц.

Тој оцени дека Владата на СИРИЗА засега нема големо искуство и на Ципрас му е нужно време за да се ориентира. Шулц уште кажа дека јасно му објаснил на грчкиот премиер под каков курс може да смета на поддршката на Европа и под каков курс ќе ја загуби.

Претседателот на ЕУ забележа, исто така, дека Ципрас бил посоветуван да ги прекине „нападите“ врз германскиот канцелар
Ангела Меркел, затоа што во крајна линија „токму  Владата на Германија ќе треба да му помогне“.

фото:МИА