Шулц ја разбира реакцијата на Анкара за резолуцијата за ерменскиот геноцид

Претседателот на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, на турскиот премиер Ахмет Давутоглу му кажал дека „ја разбира“ реакцијата на Анкара по прифаќањето на резолуцијата на ЕП со која оваа земја се повикува да го признае ерменскиот геноцид, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до кабинетот на премиерот, објави МИА.

Во телефонскиот разговор Шулц, исто така, кажал дека гласањето во ЕП се одржало во негово отсуство, посочиле уште изворите кои посакале да останат анонимни, пренесува БТА.

Европскиот Парламент во средата усвои резолуција со која повикува убиството на приближно 1,5 милион Ерменци во Османлиската империја да се прогласи за геноцид. Ова се случи неколку дена по декларацијата на папата Франциско, кој, исто така, настаните од овој период ги оцени како геноцид.