Шуто Оризари ќе добие средно училиште за медицински сестри и фризери

Медицинските сестри се враќаат во јавното здравствo

Жителите на населбата Шуто Оризари од септември ќе добијат средно училиште за стручни и технички услуги. Советот на Градот вчера ја изгласа одлуката за основање на средно насочено образование, според која постои можност во училиштето да се обучуваат и медицински сестри, градежни и економско-правни техничари, геодети, келнери, фризери и друго.

Училиштето, чија изградба е во завршна фаза, има капацитет за 720 ученици во две смени.

„Средствата за непречено и нормално функционирање, односно за вршење на воспитно-образовната дејност ќе се обезбедат од буџетот на Скопје и буџетот на Македонија преку блок-дотации, од легати, подароци, завештанија, од проекти одобрени од министерот за образование и наука, од камати и дивиденди на пласирани средства, од трговски друштва, јавни претпријатија, установи и органи на државна управа во кои се остварува практична обука на учениците, од продажба на производи и услуги кои се резултат на вршење на основната дејност и други извори – образложуваат надлежните градски власти.

Ќе се вработуваат наставници кои веќе се ангажирани во средните училишта во Скопје, а ќе биде ангажиран и дополнителен кадар во согласност со утврдените процедури за вработување лица на определено и неопределено.

Според процедурата, Градот треба да достави барање за одобрение до Министерството за образование и наука,  а потоа МОН ќе изготвуви и доставуви информација до Владата за отворање на новото училиште.
Доколку Владата се изјасни позитивно, градската власт ќе поднесе барање за верификација на средното училиште до МОН.