Шведскиот крал имал сообраќајна несреќа

Шведскиот крал Карл 16 – ти Густав денеска претпладе доживеал сообраќајна несреќа во Стокхолм.

До несреќата дошло кога џипот во кој се наоѓал кралот со уште неколку телохранители се судрил со друго возило на мостот „Нокеби“.

Шведскиот крал во моментот кога се случила сообраќајната несреќа бил на пат кон аеродромот „Брома“ во близина на Стокхолм.

– На мостот „Нокеби“ едно возило неочекувано го пресече правецот на движењето на возилото на шведскиот крал и притоа дојде до силен судар со големи оштетувања на двете возила, но немаше никакви телесни повреди, изјавила шефот на службата за информирање при шведскиот двор, Маргарета Торгрен.

Набрзо по сообраќајната несреќа кралот Густав продолжил кон аеродоромот во едно возило од неговата придружба.

Според извори од шведската безбедносна полиција СЕПО, кралот бил на пат за Буртреск, каде што ќе присуствува на отворањето на една нова фабрика за млечни производи.