Си Ен Ен пишува за скандалот со „Дајнерс“ на Бобо и Шеќеринска

Американската CNN, една од највлијателните светски телевизиски мрежи, деновиве објави сторија за корупцискиот скандал во кој се вмешани заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг, директорот на „Дајнерс“ за Македонија, Божидар Бобо Јанковски, пренесува Медиа.мк.

Текстот е објавен на порталот на CNN, CNN iReport, а во сторијата се вели дека веќе две недели во Македонија се дискутира за новиот корупциски скандал поврзан со Шеќеринска и нејзиниот сопруг кој го открил пратеник на владејачката партија.
Според објавеното на CNN iReport, шефот на македонската испостава на „Дајнерс“ и сопруг на Радмила Шеќеринска, си плаќа кирија самиот на себе, а се работи за сума која е висока дури и за американски стандарди.

Пред две недели во Македонија беше обелоденет скандал во кој е вмешана испоставата на “Дајнерс”. Раководителот на испоставата на „Дајнерс“ во државата е Божидар Јанковски, кој е сопруг на Радмила Шеќеринска, жената која е втор човек во главната опозициска партија СДСМ, пријавил за трошок кирија која ја плаќа за сопствениот личен имот кој приватно го поседува, односно кирија која сам на себе си ја плаќа. Дополнително се разбранува јавноста со сумата која “Дајнерс” ја плаќа за тој трошок. Божидар Јанковски добивал цели 5.317 евра месечно за кирија за сопствениот личен имот во кој живее, дополнително што Скопје како главен град важи за еден од најевтините градови во Европа за живеење, и ниту еден недвижен имот во градот не вреди за таа сума кирија што се исплаќа. Коментарите се дека цената за кирија која „Дајнерс“ му ја плаќа на Јанковски е поголема доколку се исплаќа кирија за стан во Лондон, или Менхетен во Њујорк, стои во текстот објавен на порталот.

Понатаму се вели дека случајот го обелоденил токму од говорницата на македонското Собрание пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

На едно место велите дека годишен приход од издавање на стан имате 3.911.641 денар или преведено во евра значи дека од издавање на само еден стан годишно вие остварувате приход од 63.811 евра. Тоа значи дека вие за издавање на еден стан инкасирате по 5.317 евра месечно. Не мора мене да ми одговарате, но завртете се на вашата пратеничка група, на овие луѓе кои доаѓаат ширум Македонија, кои патуваат по 3 часа за на седници и кажете им каков е тој стан за кој вие месечно наплаќате кирија од 5.317 евра, рече Димовски во Парламентот.

Шеќеринска не ги демантираше овие информации, додавајќи дека немало ништо спорно и оти не се работи за нешто што треба да зачудува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.