СИЕР: Со новите законски измени на рудниците им се заканува затворање

Рудниците до овој момент работат според важечки стандарди и според добиени мериторни дозволи за работа, а со новите законски измени им се заканува затворање, велат во средата од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) од каде велат дека со големо внимание ја следи дебатата во јавноста во врска со предлогот за измена на Законот за минерални суровини.

„Имено, како синдикат кој организира голем дел од вработените во дејноста на која се однесува законот, мораме да ја изнесеме загриженоста за работните места и вработените (…) од причина што усвојувањето на предложениот закон претставува сериозна закана за запирање на работењето на рудниците во целина“, се вели во реакцијата на Синдикатот.

Изразувајќи почит за грижата за животната средина, од СИЕР сметаатдека рударството како дејност која сериозно придонесува во вкупниот БДП на државата заслужува барем издржана стручна и научна анализа на состојбите пред да се предлагаат какви било законски промени.

„Ова е прашање за кое не смее да се одлучува без сериозни научни аргументи, без обмислена стручна и јавна дебата, во која ќе се соочат релевантни анализи и истражувања. Рудниците до овој момент работат според важечки стандарди и според добиени мериторни дозволи за работа“, велат натаму од СИЕР.

Според нив, дури и површна логичка анализа на некои од изјавите кои го објаснуваат законското решение покажува дека се работи за „палијативен пристап“ на предлагачите, што според Синдикатот се сфаќа објаснувањето дека измените на законот би важеле за некои рудници, а за некои не.

Повикуваат со најавените законски измени ограничувањата на одредени потенцијално опасни супстанции да се направи според најдобрите светски прописи и норми, а посочуваат дека материјалите кои се користат во оваа гранка се користат, дури и во поголем обем во земјоделието.

„Доколку е потребно да се ограничи употребата на некои опасни по околината и здравјето супстанци, тоа мора да се направи по највисоки светски признати норми и стандарди, но согласно сéопфатна анализа на состојбите и последиците. Впрочем, како илустрација може да наведеме дека на пример во земјоделието во Македонија се употребува неколкупати повеќе цијанид отколку во рударството“, наведуваат од СИЕР.

Затоа овој синдикат бара предлагачите да го повлечат предложениот закон, за кој Министерството за економија веќе даде негативно мислење“ се вели во соопштението на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.