Сигналите за зголемана побарувачка ја кренаа цената на нафтата над 69 долари

Цените на нафтата на меѓународните пазари во средата го минаа нивото од 69 американски долари за барел, поткрепени од силниот пад на резервите на сирова нафта во САД и подигнатата процена за растот на светската побарувачка оваа година.

На лондонскиот пазар цената на барелот се зголеми за 28 центи во однос на претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 69,10 долари. Во вторникот тргувањето беше заклучено со 1,04 долари повисока цена. На американскиот пазар, пак, со барелот во средата се тргуваше по 46 центи повисока цена, од 63,42 долари. Претходниот трговски ден го затвори со зголемена цена за 1,23 долари.

Одвоено, на својата интернет страница Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во средата објави дека цената на барел од референтната кошница нејзина нафта во вторникот изнесувала 66,39 долари, што значи дека пораснала за 54 центи во однос на претходниот работен ден.

Американскиот институт за нафта (API) објави во вторникот дека американските резерви на сирова нафта минатата седмица биле намалени за 11,2 милиони барели. Извештајот се надоврза на подигнатата официјална процена на американскта влада за раст на светската побарувачка на нафта во оваа 2018 година, за 100.000 барели дневно.

Тоа би значело дека настојувањата на произведувачите предводени од OPEC и Русија да се намали вишокот во снабдувањето и да е сведат глобалните резерви на петгодишниот просек ги носат посакуваните резултати. Договорено е намалување на производството за 1,8 милиони барели дневно, почнувајќи од почетокот на мината до септември оваа година. Во почетната верзија договорот требаше да остане на сила до почетокот на 2018 година. Во меѓувреме производителите сигнализираа дека би можело дополнително да биде продолжен периодот за намалување на снабдувањето, до крајот на годинава.

Според аналитичарите, растот на цените го поткрепува договорот на OPEC, како и намалувањето на резервите. Оптимизмот на пазарите не го придушија ниту очекувањата дека американското производство во февруари може да достигне 10 милиони барели дневно. Повеќе произведуваат само Русија и Саудиска Арабија. Причината што пазарите во моментов ги игнорираат овие очекувања е селективната перцепција. Внимание им се придава само на вестите кои се вклопуваат во сликата за растот на цените, додаваат аналитичарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.