Сијарто: Вишеградската група нема да го смени ставот за имигрциската политика

Вишеградската група останува обединета и покрај различните обиди да биде поделена со прашањата како што е имиграцијата, порача во петокот унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто чијашто земја претседава оваа и следната година со оваа група земји.

На неформалната средба во Талин на министрите за надворешни работи на четирите земји кои заедно влеговаод Вишеградската група, Унгарија, Словачка, Чешка и Полска, шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто нагласи дека единството на четвртката позната по кратенката V4 повторно се покажало на дело.

„Ќе продолжиме да ја отфрламе илегалната имиграција да се бориме против задолжителните квоти за преселување. Нема да дозволиме да ни наметнат неуспешна и опасна одлука околу задолжителните релокациски квоти за бегалците“, нагласил Сијарто во телефонската изјава за унгарската новинска агенција MTI.

Ја обвинува Европската унија дека вината за неуспешните шеми за релокација на бегалците и имигрантите на државите кои од почетокот одбиваат да ги примат овие лица. Меѓу таквите земји членки се и споменатите кои ја сочинуваат Вишеградската група.

Дека Унгарија нема да го промени својот став против примањето имигранти истакна во петокот во Будимпешта и нејзиниот премиер Виктор Орбан, откако Европскиот суд на правдата (ECJ) ги отфрли тужбите на Унгарија и Словачка против системот за имигрантските квоти.

Судот на ЕУ ја отфрли во средата тужбата којашто овие две земји, членки на Вишеградската група, ја поднесоа поради одлуката на Советот на ЕУ за привремениот механизам на задолжителни преместување на барателите на азил. Според оваа одлука, земјите членки на ЕУ мора да прифатат свој дел од имигрантите кои пристигнале во земјите на ЕУ Италија и Грција, но одлуката на судот повторно го актуелизира спорот меѓу западните и источните членки и ја начна кохезијата на Унијата.

„Мораме да ја земеме предвид таа пресуда бидејќи не можеме да ги подјадуваме темелите на ЕУ, а почитувањето на законите е темелот на Унијат, но истовремено пресудата на судот не е причина да ја промениме нашата политика којашто ги отфрла мигрантските квоти“, истакна Орбан.

„Целиот овој проблем го наметнува многу сериозно прашањето на начелата: дали сме сојуз на слободни европски нации со Комисија којашто ги претставува нашите заеднички интереси или, пак, сме европско царство коешто има центар во Брисел и коешто издава наредби“, додаде Орбан.

Унгарскиот премиер истакна дека оние земји од ЕУ коишто, за разлика од Унгарија, прифатиле имигранти, тоа го сториле своеволно и дека сега не можат да бараат од Будимпешта да учествува во исправувањето на нивните грешки.

„Унгарците не се оние коишто ги доведуваат во прашање правилата на клубот, туку Европската комисија ги промени правилата и тоа е неприфатливо“, порача Орбан.

Истовремено порача и дека Унгарија е приврзана на членството во Европската унија, бидејќи Унгарците на референдумот одлучија да му се приклучат на овој европски блок.

„Ниедна влада не може да ја поведе Унгарија да излезе од ЕУ, бидејќи унгарскиот народ е оно којшто одлучил да биде внатре и тоа е добро“, заклучи Орбан.