Шилегов е најбогатиот градоначалник во регионот, еве што поседуваат неговите колеги

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов е најбогатиот градоначалник на главен град во регионот.  Шилегов кој неодамна се поднови со викендица во Маврово и поседува четири стана и две куќи има имот поголем од градоначалниците на Белград, Загреб, Сараево, Приштина и Софија.

Шилегов има четири стана со вкупна површина од речиси 300 квадрати,  куќа со површина од 306 квадратни метри и новата викендица на два ката за која не навел квадратура, но медиумите известија дека станува збор за стотина квадрати со земјиште од  250 квадрати.
Тој  меѓу другото поседува и голема колекција на уметнички слики и благородни метали, па целокупниот имот  кој го пријавил во анкетниот лист се проценува над  1.377.000 евра што значи дека градоначалникот на Град Скопје е милионер.

За споредба неговите колеги, градоначалниците на  Загреб и Белград  не се ни половина богати од тоа што е Шилегов, погледнато во однос на недвижниот имот.  Новиот градоначалник на Белград, колегата Зоран Радојчиќ поседува само една викендица од 154 метри квадратни и стан од 97 квадрати. Исто како и него градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ има само еден стан од 125 квадрати и викендица со површина од 55 метри квадратни.

Градоначалникот на  Сараево, Абдулах Скака, во неговиот анкетен лист навел дека е сопственик на мала куќа со површина од 28  квадрати, додека пак неговиот колега од  Приштина, Шпенд Ахмети не поседува недвижнини и  живее во станот на неговиот брат.

Најблиску до милионерот  Шилегов е неговата колешка од Софија, Јорданка Фандакова,  која поседува три стана со вкупна површина од 254 квадрати, куќа од 60 метри квадратни и викендица од 40 квадратни метри.

Шилегов пред да стане пратеник во 2014 година и градоначалник  во 2017 година, беше адвокат.

Минатата година на социјалните мрежи се пофали дека на неговиот син му купил „сеат леон“  од 30.000 евра, додека во април годинава, неговата сопруга пријавила во полиција дека се оштетени нивните автомобили „ауди Q5“ и „ауди А5“, кои кај застапниците во земјава чинат 45.294 евра и 49.989 евра.

Шилегов овие автомобили воопшто ги нема пријавено, иако викендицата веднаш ја пријави.

Во неколку наврати скопскиот татко изјави дека поседува долги години адвокатска канцеларија која успешно работи со дваесетина вработени. Инаку, во периодот на претходното владеење на СДСМ тој беше и претседател на второстепената владина комисија за одлучување за јавни набавки.