Шилегов ја обвини Регулаторната комисија за политикантсво и ги повлече од дневен ред предлозите за промена на цената на водата во Скопје

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на петтата седница на Советот на Град Скопје, ги повлече од дневен ред предлог-одлуките со кои беше предвидена промена на цената на водата во Скопје.

„Имајќи предвид по извршената длабинска анализа за финансиската состојба и работењето на Јавното претпријатеи ‘Водовод и канализација’, имајќи предвид дека се политикантски мотивите на Регулаторната комисија, имајќи предвид дека Регулаторната комисија не ја заснова својата одлука на фактите и реалните потреби на граѓаните, предлагам точките 25, 26 и 27 да се симнат од дневниот ред. Додека сум јас градоначалник на Скопје, граѓаните на Град Скопје поради политикантски одлуки на партизирани органи од минатото нема потреба да плаќаат поскапа вода. Водата ќе остане со истата цена, а ние со домаќинско работење ќе ги сервисираме сите потреби на јавното претпријатие“, рече Шилегов.

Станува збор за три точки, поточно Предлог-Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈП „Водовод и канализација “- Скопје за регулиран период 2018-2020 година; Предлог-Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување тарифа за собирање и одведување урбани отпадни води на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје за регулиран период 2018-2020 година; како и Предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување тарифа за прочистување отпадни води на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје за регулиран период 2018-2020 година.