Шилегов: На овие избори се гласа за живот во Македонија

Носителот на листата за пратеници од опозиционата коалиција предводена од СДСМ во шестата изборна единица Петре Шилегов денеска во Тетово одржа прес-конференција со главна тема околу состојбите во стопанството.

– Разговаравме со управителите, со стопнаствениците, со работниците. Сите тие сакаат поубав живот. На овие избори за пет – шест дена од сега нема да се гласа за СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори ќе се гласа за живот во Македонија. Ги повикуваме сите тетовчани, сите граѓани во изборната единица шест – изберете го животот во Македонија, рече Шилегов кој претходно посети  повеќе стопанственици и стопански објекти во Тетово.

Тој истакна дека СДСМ и Коалицијата ќе нудат помош за секој на којшто му е потребна, за секоја стопанска фирма.

Во рамките на денешната агенда Шилегов со соработниците ги посети стопанските објекти АМД Тетово, Дараком и текстилната конфекција Едтко, а се сретна и со адвокати и сметководители од Тетовско.