Шилегов: Снимките од Собранието ја докажаа вмешаноста на ВМРО-ДПМНЕ во насилството од 27 април

Вчерашните снимки од безбедносните камери во холот на Собранието на Р.Македонија го докажаа директното учество на ВМРО-ДПМНЕ во обидот за организирање на терористичко загрозување на уставниот поредок и обид за убиство на дел од пратениците, тврдеше во вторникот портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

 

„Снимките објавени вчера се клучниот доказ дека Никола Груевски постојано лаже. Иако постојано тврдеше дека неговата партија нема ништо со упадот во Собранието, на снимките од надзорните камери јасно се гледа дека најмалку шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и еден пратеник од нивната коалицијата, и помагаат и ја поттикнуваат групата во извршување на низа кривични дела“, рече Шилегов пред новинарите

 

Ако досега преку проектот Вистината за Македонија граѓаните можеа да слушнат, додаде портпролот на СДСМ, преку вчерашните снимки, можат и да видат на кој начин функционира ВМРО-ДПМНЕ и како што толкуваше целата јавност можела да види „кој го планирал, поттикнувал и го организирал упадот на толпата на 27 април“.

 

„Срамното и криминално постапување на Марко Зврлевски, неговото обвинителство и извршителите на Груевски во судството се последниот обид за спасување на виновниците за нападот на Собранието. За тоа Зврлевски и партиските судии на ВМРО-ДПМНЕ станува соучесник на нарачателите и извршителите на инцидентот. Тоа значи дека Зврлевски, судските извршители на Груевски, како и Митко Чавков, пратениците на снимките, структурите од УБК, МВР и АРМ кои учествуваа во нападот, како и нарачателите и непосредните извршители на кривичните дела ќе мора да одговараат за своите постапки пред независни и професионални судови, согласно Уставот и законите на Република Македонија“, обвини Шилегов.

Порача дека „никој нема да биде амнестиран од одговорност без разлика дали е пратеник, полицаец, припадник на АРМ, судија, обвинител или обичен граѓанин“.

 

„Искрено се надевам дека никој кој учествувал во оваа партиски нарачана пресуда, нема да го доживее она што го доживеаја пратениците на СДСМ и парламентарното мнозинство на нивните работни места да бодат нападнати од толпа за да знаат дека ваквите пресуди што ги донесоа се криминал, срам и можеби еден од најцрните денови во историјата на македонското судство“, одговори Шилегов на новинарски прашање околу ослободителните пресуди од претходно во вторникот за некои лица кои беа товарени за настаните во Собранието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.