Силен циклон ги погоди Индија и Шри Ланка, загинаа 26 лица

Неколку илјади лица се евакуирани во саботата во Шри Ланка и на југот од Индија поради циклонот во кој според најновите податоци загинале 26 лица.

Од петокот во циклонот загинаа 13 лица во Шри Ланка и исто толкав број во сојузните држави Керала и Тамил Наду на југот од Индија.

Единаесет луѓе, главно рибари, во моментов се водат како исчезнати. Речиси 9.000 жители се засолнати од ветриштата и порастот на нивото на водата.

Силните дождови и ветерот со јачина до 130 километри на час предизвикаа поплави и прекин на струјата и телефонските врски во регионот.

Доаѓајќи од правецот на Арапското Море, циклонот може натаму да се движи по должината на индискиот источен брег во следните четири дена.