Свет

Силен циклон во Индија однесе 24 жртви

Силен циклон во Индија однесе 24 жртви

Бројот на загинати од моќниот циклон Худхуд, што го зафати источното крајбрежје на Индија, достигна 24 лица.

Бурата во меѓувреме ослабна и се движи кон внатрешноста на копното, оставајќи зад себе урнатини и стравувања дека поројните дождови можат да предизвикаат поплави.

Во пристанишниот град Висакхапатнам, со население од два милиона лица, почна расчистувањето на искорнатите дрвја, кои ги блокираа патиштата, а се работи на обновата на електродистрибутивните и телекомуникациските мрежи.

На бензинскiте станици се формираа огромни редици, затоа што тие два дена беа затворени. Жители на некои населени места панично складираат млеко, свеќи и керозин. Има малку отворени продавници, а училиштата и многу канцеларии втор ден по ред останаа затворени поради лошите телекомуникациски врски и недостигот на електрична енергија.

Официјални претставници на државата Андра Прадеш соопштија дека според првичните податоци илјадници куќи се оштетени, а во четири окрузи има големи оштетувања на насадите со банани и шеќерна трска и на оризовите полиња.

Десетици илјади лица веќе трета ноќ престојуваат во засолништа, затоа што нивните куќи се оштетени или заради недостигот  на храна и вода за пиење во нивните села.

Властите во Висакхапатнам информираа дека 19 хеликоптери им доставуваат пакети со храна и вода на наостраданите во стихијата.