По силниот притисок од јавноста – влезниците за Купот намалени двојно

Билетите за следење на полуфиналниот дуел од Купот на Македонија помеѓу Работнички и Куманово, кој ќе се одигра в сабота во салата „Јане Сандански“ ќе чинат 150 денари или двојно помалку од првичната цена која попладнево ја објави организаторот на завршницата од ова натпреварување, шампионот МЗТ Скопје, јавува Спортмедиа.

Драстичното намалување доаѓа по големиот револт во јавноста, особено на социјалните мрежи, каде што беше истакната неоправданоста на високата цена во ситуација кога влезниците за спектаклите од ракометната Лига на шампиони чинат помалку. Организаторот експресно реагира и драстично ги намали билетите, што сигурно ќе придонесе за поголем број вљубеници во спортот на трибините на куп-завршницата.

Нешто повисока ќе биде цената за следење на големото неделно финале, билетот ќе чини 200 денари, но и тоа е осетно помалку од првичната најава која исто така изнесуваше 300 денари. Малку зачудува начинот на кој е направена промената, без посебно соопштение до јавноста и само со корекција на претходно објавениот „прес-рилис“ постиран на интернет-страницата на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Ceni-4

Единствено е непроменет начинот на следење на првото полуфинале помеѓу МЗТ Скопје и Кожув, кое ќе биде бесплатно за жителите на општина Аеродром, додека останатите ќе можат да присуствуваат само со обележја на домаќинот и тоа од влегувајќи од влезот кој традиционално го користи навивачката група Фемили.

На средбите во „Јане Сандански“ ќе биде овозможено донирање за поплавените подрачја во Македонија.