Силен раст на индустријата во септември

Македонската индустрија фати залет. Државната статистика во септември регистрираше силен раст од 8,6 проценти, во однос на истиот период лани. Најголема позитива е генерирана во секторот „Преработувачка индустрија“, и тоа од 11,2 проценти. Кај производството на прехранбени производи растот надминува 20 отсто, кај текстилот плусот е 27,4%, кај хемикалиите и хемиските производи позитивата е 57,7 насто. Уште поголем раст, од цели 61,6 проценти е забележан кај фабрикуваните метални производи, а производството на машини и уреди регистрира позитива од 30 насто, пренесува Лидер.мк.

Според главните индустиски групи, пораст има кај Интермедијарните производи од 8,5%, позитивата кај капиталните производи е 24,4%, а пад има кај енергијата и трајните производи за широка потрошувачка.

Во деветте месеци од годинава, индустриското производство бележи раст од 2,5 проценти.  Во септември се зголемил и бројот на работници во индустријата, од 1,2 проценти.

Индустријата ќе го испорача економскиот раст

Индустријата ќе го испорача економскиот раст – смета првиот финансиер Ставрески. Ова е сигнал дека и покрај политичките турболенции, економијата е на здрави нозе.

„Имавме сложена политичка ситуација и растот на индустријата во такви околности претставува силен одговор на стопанството дека политичката стабилност и долгорочните економски политики се најдобрите и најважните услови за раст на економијата. Остварениот раст е значаен, бидејќи опфаќа повеќе гранки во индустријата, особено во преработувачката индустрија којашто е стожер на индустриското производство“ – вели Ставрески.

Според првиот финансиер, македонската индустрија годинава ќе ја заврши со добра позитива, што ќе овозможи да имаме една од највисоките стапки на економски раст во регионот.

Бизнисот и економистите – оптимисти за растот

Растот на индустријата е позитивен и охрабрувачки сингал – сметаат економистите и бизнисмените.

„Растот на индустриското производство е неколку месеци во континуитет, по претходното неколкумесечно назадување кои беше резултат на политичката криза. Очигледно е дека порачките се задржани, во некоја мера и зголемени, и ова е оптимистички сигнал дека економијата забележала раст и во третиот квартал“ – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

На иста линија е и првиот човек на Раде Кончар.

„Најверојатно сите фирми во овој период засилија со работа, бидејќи сакаат да ги реализираат предвидените нарачки за до крајот на годинава“ – вели Аце Антевски.