Без паника – Силен земјотрес ќе го стресе Скопје за 100, 200 или 500 години

Директна поврзаност помеѓу поплавите и земјотресите не постои, пишува Телеграф.мк.

Да се направи каква било поврзаност од овој тип, потребни се многу други геолошки, геофизички истражувања што за територијата на Македонија не се направени, велат од Сеизмолошката опсерваторија на Македонија.

По катастрофалните поплави што ги погодија Србија и Босна и Херцеговина граѓаните во овие земји, а особено Македонците, стравуваат да не се повтори големиот земјотрес кој во 1963 година го погоди нашиот главен град.

„Не постои никаква поврзаност меѓу поплавите во 1962 година и земјотресот од 1963 кога Скопје беше уништено“, децидни се од сеизмолошкиот центар и додаваат дека според сеизмичката реонизација на Македонија, постои веројатност повторно да се случи силен земјотрес, но никој не може да утврди кога ќе биде точно тоа, а според некои испитувања тоа би можело да биде после многу години.

Тоа би можело да се случи според следните претпоставки:

– за повратен период од 100 години, со интензитет од VI до VIII степени според Европската макросеизмичка скала,

– за период од 200 години со интензитет од VI до IX  степени според Европската макросеизмичка скала,

– за период од 500 години со интензитет од VII до IX  степени според Европската макросеизмичка скала.