Силна бура предизвика штети во Диселдорф и Вупертал

Покривот на универзитетот во Диселдорф се урнал поради силната бура којашто во вторникот доцна попладнето и вечерта ја погоди западна Германија, но нема повредени, објави универзитетот на својата интернет страница, а штети претрпел и градот Вупертал.

Околу 50 квадратни метри од покривот на универзитетот се урнале поради силниот ветер и дождот. Целиот подрум и приземјето на институцијата се поплавени, соопшти оваа образовна институција.

Портпаролот на диселдорфската полиција изјави дека покрив од бензинска станица во центарот на Вупертал, исто така, се урнал. Притоа биле оштетени 14 автомобили кои биле паркирани на тоа место.

Едно лице успеало да излезе од автомобилот пред врз него да се урне покривот, и притоа се здобило само со полесни повреди.

Трговскиот центар во овој град, исто така, е поплавен.