Силна и интензивна изградба на пругата кон Бугарија, најави Груевски

Во наредните четири години ќе има силна и интензивна градба на пругата кон Бугарија, проект кој е предвиден во новата програма „Проверено“ составена од 2.046 проекти на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

„Со новата програма се предвидува во овие четири години да има силна и интензивна градба на пругата кон Бугарија. Започна да се гради првата фаза на пругата од Куманово до Бељаковце во должина од 30 километри, со изградба и на три железнички станици во Куманово, Шупљи Камен и Бељакоце и изгадба на шест стојалишта во Лопате, во Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клешовце и Дорезанце, инвестиција во висина од 40 милиони евра. Втората фаза која што е веќе во длабока подготовка е изградба на нова пруга и реконструкција на постојната од Бељаковце до Крива Паланка со градење или доградување на 33 постојни мостови, изградба на 11 нови мостови, 14 тунели, градба на нова пруга во должина од 34 километри, две нови железнички станици на оваа делница во Кратово и Гиновци и три стојалишта во Псача, Шопско Рудари и Крилатица. Инвестициската вредност на оваа втора фаза е 150 милиони евра и таа ќе почне да се гради кон крајот на 2015-та и почетокот на 2016-та година. Третата фаза е онаа меѓу Крива Паланка и самата граница кај местото Деве Баир за која исто така ги почнуваме подготовките и веќе од Европа добивме гранд за изработка на студијата и проектот“, посочи Никола Груевски.

Покрај пругата во новата програма „Проверено“ која се состои од 2046 проекти, предвидено е изградба на експрес пат со четири ленти, со можност во иднина да се зголеми за по уште една лента од двете страни, на патот помеѓу Куманово и бугарската граница, на делницата помеѓу Ранковце и Крива Паланка во должина од 22 километри. Оваа инвестиција е проценета на над 60 милиони евра.

На митингот во Куманово Никола Груевски воедно најави отворање на девет рудници во источна Македонија, а еден од нив е во близина на Старо Нагоричане наменет за производство на бакар. Доколку геолошките истражувања се добри, тогаш инвестицијата треба да се реализира за 2 до 3 години, а која треба да донесе нови 500 вработувања.

Груевски воедно најави целосна реконструкција на патот до Куманово до Романовце, потоа реконструкција на 110 киловатниот далновод, инвестиција вредна 1 милион евра. Тој најави нови спортски сали во Куманово, градба на повеќенаменско игралиште во населеното место Пчиња и на нови четири тениски игралишта.

Во Куманово ќе се отворат дисперзирани студии на Спортската академија од Скопје, а најавена е рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во овој град.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.