Спорт

Силната Висла Плок ќе биде противник на “црвено-црните” во осминафиналето од ЛШ

Силната Висла Плок ќе биде противник на “црвено-црните” во осминафиналето од ЛШ

Од трите потенцијални противници за осминафиналето во Лигата на шампионите, во ждрепката која беше извршена денеска Вардар го доби најнепосакуваниот противник – Висла Плок.

Висла е моќен тим кој иако заврши како третопласиран во својата група, мора да се напомене дека овој резултат го остварија во страшно силна конкуренција составена од Барселона, Колдинг и Фленсбург. Колку е силен полскиот тим покажува и фактот што во групната фаза на домашен терен ја совладаа и суперсилната Барселона. Сепак, ова е осминафинале и лесни противници нема.

Предност за тимот на Раул Гонзалес е тоа што реваншот се игра во “Јане Сандански”, така да кој и да биде резултатот на првиот дуел, “вардарци” на домашен терен ќе си ја “кројат” четвртфиналната судбина.

Од другите парови, Барселона на нашиот Кире Лазаров ќе биде апсолутен фаворит во дуелите со Алборг, а посебен интерес ќе донесе и репризата од минатогодишното финале меѓу германските бундеслигаши Кил и Фленсбург.

Првите осминафинални дуели во Лигата на шампионите ќе се играат од 11 до 15 март, додека реванш пресметките се закажани во периодот од 18 до 22 истиот месец.

Осминафинални двојки во ЛШ:

Ла Риоха – Веспрем
Монпелје – Кјелце
Алборг – Барселона
Фленсбург – Кил
Данкерк – ПСЖ
Висла Плок – Вардар
Рајн Некар – Пик Сегед
Загреб – Колдинг