Силните ветрови ги затворија пристаништата околу Атина

Силните ветрови и големите бранови ги принудија грчките пристанишни власти денеска да издадат наредба за забрана на пловидба во три пристаништа кои ја опслужуваат Атина: Пиреја, Лаврио и Рафина.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, ниту еден траект денеска нема да плови за островите во Егејското Море, а патниците се советуваат да се информираат кај операторите на фериботите за враќање на билетите кои веќе се купени.

Фериботи ќе пловат само до најблискиот остров Егина во Саронскиот Залив.

Во меѓувреме, претпладнево е укината забраната за пловење кон јонскиот остров Закинтос, која беше воведена вчера.

Грчката противпожарна служба соопшти дека во текот на ноќта и претпладнево имало многу повици од граѓани од разни делови на областа Атина, кои барале помош за отстранување на откорнати дрва и разни предмети кои ги носел силниот ветар.