Силно невреме ги зафати Бодрум и Родос

Силно невреме ги зафати турскиот туристички центар Бодрум и грчкиот остров Родос.

Поројни дождови поплавија куќи, продавници и ресторани во Бодрум, а булеварите и улиците во градот наликувале на езера.

Најпоројни дождови во последните 30 години

Весникот „Милет“ пишува дека тоа се најпоројните дождови во градот во последните 30 години. Голем број автомобили биле повлечени од надојдената вода, а патниците кои се наоѓале во нив се спасени.

Работата на спасувачките екипи продолжува, а во градот е создаден кризен штаб.

Невреме и на Родос

Слично невреме го зафати и грчкиот остров Родос. Аеродромот на островот е затворен за летови по силната бура и поројните дождови, кои причиниле сериозни штети на пистите.

Властите се загрижени, бидејќи аеродромот „е во состојба како по бомбардирање“, објавуваат локалните медиуми, пренесува МИА.