Балкан

Силуанов: Москва е подготвена финансиски да и помогне на Атина

Силуанов: Москва е подготвена финансиски да и помогне на Атина

Русија би можела да го отплати грчкиот долг од 240 милијарди евра кон кредиторите како ММФ и Европската централна банка, откако во Грција победата ја однесе левичарската партија Сириза, со Алексис Ципрас, големиот поддржувач на политиките на Москва, на чело.

Тие шпекулации ги поттикна рускиот министер за финансии Антон Силуанов, кој нагласи дека неговата земја е подготвена финансиски да и помогне на Атина.

-Доколку на било кој од нас му биде побарано да направи нешто во врска со долгот на Грција, ние секако тоа би го разгледале – нагласил Силуанов, пренесува германски Билд, кој потсетува дека таквите изјави не се изненадувачки откако Грција во четвртокот во Брисел на состанокот со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ одбила да ја поддржи резолуцијата за продолжување на санкциите на Москва.

-Треба да се има предвид дека рускиот претседател Владимир Путин меѓу првите му честиташе на Ципрас на неодамнешната победа. Исто така, тешко е да се поверува дека министерот Силуанов изјавувал било што пред да се консултира со претседателот Путин – наведува Билд.

Речиси истовремено со таа вест грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис после состанокот со претседателот на Еврогрупата Јерун Дајселблум во Атина нагласил дека грчката влада нема да соработува со Европската унија и мисијата на ММФ ниту ќе бара продолжување на програмот за финансиска помош.

-Оваа платформа ни овозможува да ја добиеме довербата на грчкиот народ. Нашиот прв потег како влада нема да биде да ги отфрлиме причините за преиспитување на овој програм прифаќајки го неговото продолжение – порачал Варуфакис и нагласил дека официјална Атина планира спроведување на реформи кои економијата на Грција би ја направи кокукрентна и кои би допринеле на врамнотежување на буџетот.

Дајселблум од своја страна ја повика грчката влада да ги почитува условите на постоечкиот аранжман помеѓу Грција и еврозоната, апелирајќи да не превзема еднострани чекори бидејќи е важно да не го загрози напредокот кој Грција досега го остварила.