„Сименс“ ќе инвестира пет милијарди евра во Агрентина

Германскиот технолошки гигант „Сименс“ планира капитални инвестиции во проекти во Аргентина идните пет години, изјави раководителот на компанијата, Џо Кезер по средбата со аргентинскиот претседател Маурисио Макри во Буенос Аирес, пренесе ДПА.

– Сименс ќе издвои пет милијарди евра за инвестиции во оваа јужноамериканска земја, појасни Кезер.

Инвестициите ќе бидат насочени кон инфраструктурни, енергетски и транспортни проекти и ќе отворат директно околу 3.000 работни места, а вкупната бројка ќе достигне 7.000. Малку држави ја имаат можноста којашто и се укажа на Аргентина, околу производството на електрична енергија, користејќи ја сончевата и ветерот, посочуваат од компанијата.

На средбата присустваше и германскиот министер на економијата Зигмар Габриел. Значаен дел од изградбите на електроцентрали ќе се базира на обновливи извори на енергија.

– Макри, кој е претседател од 2015 година, започна економски реформи, коишто отвораат добри можности за инвестиции, додаде Кезер.

Денеска е последниот ден од тридневниот инвестициски бизнис форум во Аргентина, на којшто присуствуваа 1.900 менаџери и приближно 1.000 компании од 67 држави.