Симпсонови на суд

Против авторот на серијата „Симпсонови“ и останатите симпатични ликови од Спрингфилд, Мет Грунинг е поднесена тужба од 250 милиони долари од страна на глумецот Френк Сиверо.

Тој во филмот „Добри момчиња“ во 90-тите години го играл мафијашот Френки Карбон, и тврди дека додека се подготвувал за улогата, живеел во иста зграда со Грунинг. Сиверо наведува дека ликот на мафијашот Луи во серијата „Симпсонови“ е заснован според него.

Анимираниот Луи првпат се појавил во серијата во октомври 1991 година, и оттогаш често се појавува со главниот мафијаш Дебелиот Тони, а Сиверо вели дека од продуцентот не добил ниту цент.

– Продуцентите продолжуваат да го користат неговиот лик и име, без дозвола или финансиски надомест, се наведува во тужбата, со која 62-годишниот глумец бара неверојатни 250 милиони долари отштета.

Тој додава дека авторот на серијата често разговарал со него, тврдејќи дека планира да сними филм во кој би му дал главна улога, но се тоа го правел само за да го проучи и подоцна да го нацрта во серијата.

Продукцијата се уште нема дадено никаков коментар во врска со тужбата.