Симулација на „посмртна поворка на белите дробови“ во Скопје

Пред Меморијалниот музеј на Мајка Тереза во Скопје, денеска на Светскиот ден на животната средина, во 11 часот, ќе се симулира посмртна поворка на белите дробови за да се алармира за сериозните здравствени ефекти од аерозагадувањето во органзиација на Еко-свест и партнерските организации. Со акцијата тие повикуваат на стратешки мерки кои треба да ги преземат институциите.

Уметничката инсталација во форма на бели дробови која се користи во рамките на „турнејата на белите дробови“ ја изработил холандскиот уметник Артур ван Бален.

„Граѓаните на Македонија се постојано жртви на загадениот воздух. Според студијата на Институтот за јавно здравје издадена во 2012 година како дел од студијата за зелен развој на Светската банка, во Македонија секоја година умираат 1.350 луѓе од последиците од загадениот воздух. Секако, овие смртни случаи не се единствениот данок на загадувањето кој го плаќа македонското население – според истиот извештај загадувањето со прашина поситна од 10 микрометри македонската економија ја чинело 253 милиони евра во 2011 година“, посочуваат организаторите.

Според нив, главни извори на загадувањето се моторните возила, индустриските капацитети, градилиштата, палењето на материјали несоодветни за горење (пластика, автомобилски гуми и слично) и термоцентралите кои работат на јаглен.