Симулациска вежба за изолирање лица со симптоми на ебола

Министерството за здравство денеска  на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје направи симулациска вежба за изолирање сомнителен случај со симптоми на ебола, на летот од Либерија.

Според сценариото, двајца студенти од Либерија, по претстојот во својата земја се враќаат во Македонија, но за време на летот се пожалиле кај стујардесите на малаксаност, повраќање, покачена телесна температура и изнемоштеност. Пилотот ја известил аеродромската контрола, која согласно стандардните и оперативните процедури ја известила оперативната контрола на аеродромот „Александар Велики“, а тие ги известиле надлежните служби во склоп на аеродромот, медицинската служба, Центарот за управување со кризи, аеродромското обезбедување и МВР.

Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје, појаснувајќи ја вежбата, истакна дека во авионот што треба да слета на скопскиот аеродром, боинг 737 кој полетал од Либерија има околу 45 присутни патници, меѓу кои две лица се со покачена телесна температура, стомачни тегоби, повраќање и пролив.

Според постапката, тој појасни дека медицинската служба која се наоѓа на аеродромот „Александар Велики“ има задача веднаш да му се обрати на Министерството за здравство  и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

– Тимот за брза интервенција со заштитна опрема и сите потребни мерки за пристапување во вакви ситуации од Министерството за здравство тргнуваат кон аеродромот „Александар Велики“. Тимот е составен од две санитетски возила со четири члена, по еден инфектолог и епидемиолог и два члена од општа медицина. Зад нив доаѓа возило за дезинфекција, рече Караџоски.

По нивното пристигнување на аеродромот, инфектологот и епидемиологот се качија во авионот, разговараа со лицата со симптоми на ебола и се информираа за нивното здравје.

– Се информираат од стујардесите дали овие лица ги напуштале седиштата каде што седат, дали посетиле тоалет или можеби имале контакт со другите патници. По завршување на разговорот со лицата тимот одлучил дека се работи за два сомнителни случаи и мора да бидат хоспитализирани прво во соба за изолација, а потоа да бидат пренесени на Клинката за инфективни болести. По нивното движење настапува дезинфекцијата служба која го дезинфецириа патот по кој се движат лицата, појасни Караџоски.

И покрај фактот, како што рече, дека ова заболување не се пренесува по респираторен пат, патниците што се еден ред пред сомнителните случаи и еден ред зад нив, заедно со стујардесите ќе бидат изолирани и со посебно возило пренесени во карантин.

– Останатите 30 патници од авионот беа спроведени до излезната контрола и ќе бидат ставени под епидемиолошки надзор 21 ден од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој ќе им подели едукативен материјал. По празнењето на авионот екипата за дезинфекција направи целосна дезинфекција на авионот, а потоа службите претпазливо ја извадија заштитната опрема и користат соодветни средства за дезинфекција, додаде Караџоски.

На показната вежба присуствуваа министерот за здравство Никола Тодоров и директорката на канцеларијата на СЗО за Европа Зузана Јакап.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.