Македонија

Синдикати на МЖ Транспорт: Да нема селективно покачување на платите во железницата

Синдикати на МЖ Транспорт: Да нема селективно покачување на платите во железницата

Синдикатот на МЖ Транспорт АД Скопје и Независниот синдикат на Транспорт АД Скопје денеска соопштија дека нема да прифатат, како што наведуваат, селективно покачување на коефициентот на сложеност на работните места и други привилегии на одредени работни места.

Во информацијата упатена до Министерството за транспорт и врски и раководството на МЖ Транспорт двете синдикални организации истакнуваат дека секое работно место има своја тежина.

– Сметаме дека не е коректно да се фаворизираат и привилегираат одредени работни места без да се изврши методолошко согледување на тежината и обврските на сите работни места. Ве повикуваме да ги исполните нашите барања и во укажуваме дека ако во најкусо време не постапите кон нив ќе преземеме порадикални мерки, се вели во соопштението.

Машинскиот персонал во МЖ Транспорт од вчера  протестира со неисполнување на работните обврски, што предизвика целосно блокирање на железничкиот сообраќај. Претставникот на машинскиот персонал најави дека блокадата на сообраќајот ќе продолжи до исполнување на барањето за зголемување на коефицинетот за сложеност на работно место.