Синдикати од МЖ Транспорт: Раководството да го испочитува договореното

Четири синдикати од Македонски железници Транспорт ад Скопје денеска најавија дека в петок ќе го активираат штрајкот ставен во мирување на крајот на минатиот месец доколку раководството не го исполни договореното.

– Бидејќи синдикатите не се повикани на преговори од 27 јули бараме веднаш писмено да ги одговорите дали преговорите ќе продолжат и дали ќе се испочитува договореното на состанокот одржан на 27 минатиот месец. Во спротивно штрајкот кој е ставен во мирување ќе се активира на 26 август  со почеток во 7 часот во Подружница „Влеча на возови“ и одговорноста за се што ќе следи понатаму ќе биде само Ваша, се вели во известувањето што до раководството на МЖ Транспорт и надлежните институции вчера го испратиле НСПМЖ и синдикалните организации МЖ Транспорт ад Скопје, на вработените на подружница Влеча на возови и на Независниот синдикат на машиновозачите и железничарите.

Директорот на МЖ Транспорт Никола Костов за МИА изјави дека претставниците на синдикатите ќе бидат повикани денеска на средба за нивните барања и оти ќе се регулира прашањето за исплата на платата.

Според известувањето од синдикатите, на состанокот од 27 јули било заклучено штрајкот да биде ставен во мирување, преговорите да продолжат, во текот на наредната недела да се исплати вториот дел на платата за јуни, а наредните плати да се исплатат до 25-ти во месецот. Воедно да се исплатат јубилејните награди за вработените кои исполнуават услов согласно со одредбите од Колективниот договор, како и да се разгледаат и преиспитаат изречените санкции кон дел од вработените.

Синдикатите воедно најавуваат состанок со вработените во петок на кој е поканет и менаџментот на МЖ Транспорт  на кое во известувањето му го претставуваат планот за минимум превоз од 26-ти минатиот месец кога штрајкот беше ставен во мирување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.