Синдикатот бара построги казни за фирмите кои не исплаќаат минимална плата

Казни за фирмите кои не исплаќаат минимална плата, побараа синдикатите.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов вели дека сите барања од синдикатите континуирано се разгледуваат.

-Најпрво синдикатот побара измени во законот за безбедност и здравје при работа. Заедно со организацијата на работодавачи, истите ги разгледавме и дефиниравме соодветни измени кои што ги усвои економско-социјалниот совет и Владата на Република Македонија, а во моментов се во собраниска процедура. Тоа се измени во законот за безбедност и здравје при работа во насока на значително зајакнување на улогата на синдикатот за грижата за работниците во Македонија и значително зголемено учество на секој синдикат при сите постапки и на некој начин спроведување на безбедносните мерки за заштита на работниците, рече Спасов.

Министерот потенцира дека од друга страна, се разгледа и барањето за зголемување на казните на сите оние кои не исплаќаат минимална плата, согласно законот.

Имено, синдикатот бараше значително поголеми казни.

-Заедно со организацијата на работодавачи, со сите членки на економско-социјалниот совет, заземавме став за определено зголемување на казните кое набрзо ќе се разгледува на седница на Влада и потоа ќе излеземе со конкретен став за измени на закон за минимална плата во насока на посоодветни поостри санкции за оние кои не исплаќаат минимална плата, рече Спасов.